
Климатските промени претставуваат еден од најсериозните глобални предизвици на современото општество, со значајни импликации врз природните и антропогени системи. Во контекст на Северна Македонија, овие промени се манифестираат преку еколошките предизвици како загадувањето, неодржливото управување со природните ресурси и зголемената изложеност на климатски ризици. Истовремено, концептот на еколошка правда се наметнува како суштински аспект за обезбедување на правична распределба на придобивките и товарот од климатските интервенции.
Овој курс е дизајниран да понуди преглед на еколошките и климатските предизвици со акцент на македонскиот контекст. Преку структурирани теми, учесниците ќе го истражат законодавството, локалните планови за климатска акција и улогата на активизмот, со цел да стекнат знаења за стратегиите за отпорност и одржливост. Курсот обработува теми како енергетската транзиција и зелениот урбан дизајн, интегрирајќи научни податоци и стратегии од глобални и локални перспективи. Во таа насока курсот е концентриран на придонесот на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ и претставува синтетизирана база на материјали кои се резултат на нивните напори на подигање на важноста за прашањата од доменот на екологија и клима.
Со завршување на курсот, учесниците ќе бидат подготвени да анализираат и применуваат концепти за климатска акција, поттикнувајќи социјални, економски и еколошки промени во согласност со принципите на еколошка правда.
- Наставник: Стојан Лешоски
- Наставник: Емина Рустемоска